Во малeчок простор стуткан во вселената, беше распослан среќен прочистен воздух вдишуван со љубов …
Две битија водеа исконска битка за власт над светот, а најмногу над себе си.
Времето не постоеше за нив, а веруваа дека и за никого.
Сместени удобно во своите животи измислуваа богови, но не им служеа на ниеден …
Не се поседуваа и не бараа да се поседувани, дури и кога имаa потреба да се почувствуваат живи.
Се смееја и ги заглушуваа птичјите песни и шумовите на билките…
*********
Минато с(о)вршено време
* Веднаш под нејзиното грло праосновата му ги шепотеше сите човекови тајни, се пијанеше од восхит и заспиваше весел со отворени очи.
Во нејзините коси си ги галеше исчешлани сите прашања неодгатливи.
Ги врза дупло и со маженствен потег своите соништа претесни за постојниот свет, таму во нејзините прсти прицврстени на неговите!
Духот одбиваше да биде ограничен со телото…
А, телото и така си ја имаше веќе променето формата и намената.
Се беше заносно …
* Во неговата насмевка таа откриваше нови светови, а нејзиниот се состоеше од него припиен до неа, нецелосен без неа …
Синилото во неговите очи заокружено со долги трепки, и раскажуваше за пронајдоците и мистериите …
Таа ја стегаше радостта на преубавата состојба и не извика гласно колку многу го сака…
Беше свесна дека така ќе го распара небото, и не можеше да дозволи тоа да падне врз неговата глава. ..
Се будеше во нови вистини изненадени, и му даваше на мугрите бои и имиња какви што ќе и текнеше…
Се беше маѓепсувачко …
*********
Сегашно недобредојдено време
Тој не си го гледа лицето во огледало и се храни со нејасности,
таа голта порази, и се нахранува само кога тој ќе воздивне не гледајќи си го одразот …
Тој уште ја посакува,
таа посакува да не постоеја посакувањата …
Тој од едната страна, таа од другата ги прегрнаа со мислите сите прегазени ветувања.
Молкот ја руши секоја разумност, а рушењето гради збогувања …
Се беше за да не биде …
…. Вака не се раскажуваат љубови, вака не се цртаат спомени …
Сепак приказната завршува за неа,
но, не и за него …
Во малeчок простор стуткан во вселената, расплакани ангели тагуваат за нечистиот
воздухот кој сега не го собира во ноќта …
